Во средината на 19 век, реката Вардар била пловна и по неа со сплавови се пренесувале жито, волна, дрва, сирење, мед итн. Еден сплав носел околу шест тони товар, а сплавовите од Велес до Солун пловеле за неколку часа. Во својот патепис од 1858 година, германскиот правник Јохан Хан запишал дека по Вардар се пловело и со чунови и со кајаци. Притоа, тој кажува дека првите обиди за превоз на жито од Скопје до Солун по воден пат биле направени неколку години пред тоа. Исто така, други извори потврдуваат дека житото се пренесувало од Скопје до Велес со чунови, а оттука стоката се носела во Солун со кајаци. Еден вардарски чун пренесувал околу 240 шиници жито. Изработката на вакви чунови во Велес чинела околу 600 пијастри, а во Солун чуновите морале да бидат продадени по цена од околу 10% од почетната, зашто Вардар бил премногу тежок за патување спротиводно. Чуновите се изработувале од дрво кое пристигало од Тетово, Битола и Прилеп, а најмногу ценето било дрвото од Прилеп. Инаку, најчесто чуновите патувале ноќе при што секој чун го управувале по двајца искусни кормилари. Најголеми тешкотии во пловидбата чуновите имале кај Таорската Клисура, Железната Порта кај Демир Капија и кај Циганските Теснини, а за време на транспортот на жито од Велес до Солун загубата изнесувала околу 2% од товарот.

Во 19 век, до изградбата на железницата, транспортот во Македонија се вршел со коњи, магариња и камили. Притоа, богатите трговци изнајмувале каравани кои имале и по 50 коњи. Сите кираџии во караванот биле вооружени, а во еден караван имало и по 80 вооружени луѓе. На пример, само во март 1837 година, преку царинарницата во Алексинац поминале 2.200 товари, т.е. околу 70 товари дневно. Во јуни 1853 година, еден од караваните што поминале низ оваа царинарница бил составен од 660 камили натоварени со тутун од Ениџе-Вардар за Белград. Во 1830 година, за превоз од Скопје до Белград се наплаќала цена од 51 грош за еден коњски товар; ист таков товар од Белград до Битола чинел 50 гроша. Неколку години подоцна, еден товар од Солун до Алексинац чинел 250 гроша, а од Битола до Алексинац 120 гроша. Во тој период, од Солун со Битола се патувало 35 часа, од Битола до Скопје 28 часа, до Костур 16 часа, до Скадар 89 часа итн. Караваните што поаѓале од Солун, до Истанбул патувале за 108 часа, до Скопје за 48 часа, до Сараево за 100 часа, до Белград за 130 часа, а до Скадар за 124 часа. Во тоа време поштата се носела со коњски запреги при што писмата од Скопје до Пловдив патувале три дена, а поштата од Битола до Белград патувала за 10 дена во лето и за 13 дена во зима.

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment